Баклава со Домашни Кори
  • 3ч : мин
  • 6 порции
  • средно

Дали сакате баклава? Тогаш Сте на вистинското место, бидејќи денешниот рецепт е токму за ова слатко совршенство. Останете на оваа страна во наредните неколку минути за да Ви ја раскажам мојата авантура во подготовка на баклава со домашни кори.

Постојат разни видови на баклава со најразлични филови, од готови или домашни кори, со специфични зачини и какви-не миксови на вкусови. Начинот на подготовка и филот допринесува за ваква богата фамилија на слатки под името баклава.

Се надевам дека оваа баклава со домашни кори ќе биде уште едно вкусно задоволство кое заедно со мене ќе го подготвите денес. Може да започнеме…

Приготвување на тестото за кори

Во длабок сад го ставаме брашното, притоа правиме простор во средината – во вид на вулкан – за да може полесно да ја измешаме смесата која ќе ја добиеме подоцна. Следно, се додава солот, а во неколку наврати со постојано мешање ја додаваме и водата.
bdk_1
Откако ќе се добие хомогена смеса продолжуваме со разделување на тестото на два подеднакви дела. Со рака формираме точиња од секое парче тесто. Вака подготвените топчиња од тесто се оставаат покриени со крпа да отстојат додека ние ги приготвуваме филот и шербетот.
bdk_3

Приготвување на филот

Продолжуваме со подготовка на филот. Оревите се сечкаат на ситни парчиња. Доколку сакате може да замените сечкани со мелени ореви. Потоа го додаваме циметот и 50 гр. шеќер. Како додаток може да додадете и други јаткасти плодови како бадем, ф’стак, или пак кикирики. Истото може да го направите и со зачините, на пр. може дополнително да додадете ванила.
bdk_6

Подготвување на шербетот

Во подлабок сад за оган го додаваме преостанатиот шеќер, 1л вода, и лимон, исечкан на парчиња. Садот го ставаме на оган да врие 20тина минути, односно да се растопи целиот шеќер, и лимуновиот сок да се измеша во целата смеса.

Подготвување на корите

Време е да се вратиме на тестото и да продолжиме со создавање на корите. Започнуваме со понатамошно делење на секое топче од тесто на 20тина подеднакви делови. Вака ќе добиеме две групи од по 20тина подеднакви топчиња од тесто.
bdk_4
Почнуваме со формирање на долната и горната кора од баклавата. Најпрво земаме една група од 20тина топчиња. Секое топче треба да да се сука – но премногу тенко во овој чекор – и посипе со густин, притоа вака расуканите топчиња ги редиме едно врз друго. Треба да добиеме една подебела кора од 20тина слоеви. Ова го повторуваме и за останатата група од 20тина топчиња.
bdk_5

Завршни подготовки за успех

До овој момент треба да имаме две подебели кори со 20тина слоеви.Ги расукуваме корите во големина на плехот во кој ќе ги печеме. Плехот го прекачкуваме со маргарин. Ја поставуваме првата кора, врз која го додаваме филот од јаткасти плодови, а на крајот ја додаваме и втората кора. Потоа ја премачкуваме горната кора со маргарин, и сечеме со нож на подеднакви коцкички.

Баклавата се пече на 150°C околу 1 час. Откако ќе се испече и добие румена боја,  ја посипуваме со шербетот. Се остава неколку часа да впие од шербетот.

bdk_8

Предлог

Како предлог со оваа вкусна баклава може да се напиете црно кафе или пак чај. Филот на баклавата е делот каде може да експериментирате за да добиете разновидни вкусови. Можете да искористите ф’стак, лешник, бадем, или пак поегзотични вкусови како кокос, банана, афион или други овошја и зачини.
bdk_9

Се надевам дека овој прекрасен рецепт ќе биде дел од вашата трпеза наскоро, ако веќе и не е. Задоволете ги вкусовите на Вас самите, како и на вашите најблиски и пријатели.

До следно видување, добар апетит!


Состојки

  • Брашно 1 кг
  • сол 1/2 лажички
  • Густин 200 гр
  • Маргарин 250 гр
  • Ореви 300 гр
  • Цимет 3 лажички
  • Шеќер за шербет 900 гр
Hrvatski HR English EN Македонски јазик MK