Торта од Препечен Леб
  • 1ч : 00мин
  • 6 порции
  • лесно

Се надевам дека Сте спремни за уште една слатка авантура. Денес ќе приготвиме необична торта со прекрасен вкус. Карактеристично за оваа торта е тоа што ќе овозможи да го искористите оној стар леб кој се насобрал во вашиот дом.

Да, токму така… убаво прочитавте! Најголемиот дел од тортата по составен е од стар препечен леб. Мислам дека е време да започнеме со подготовка на ова слатко и релативно лесно задоволство…

Подготовка на сува смеса

Започнуваме со дробење на препечениот леб на парчиња со средна големина. Доколку сакате да добиете по-кремаста смеса може да го издробите лебот на поситни парчиња, и спротивно за по-впечатлива текстура издробете го на покрупни парчиња.

Во издробениот леб додаваме суво грозје и мелени ореви. Може да додадете и дополнителни јаткасти плодови по желба, но истите да бидат ситно исецкани или пак мелени. Следно, додаваме белки од јајца.

Подготовка на течна смеса

Земаме 7 јајца и ги одвојуваме жолчките од белките. Жолчките ги ставаме во подлабок сад за на оган, додаваме 7 лажици шеќер, млеко и маргарин. Го ставаме садот на оган и мешаме непрекинато се додека маргаринот не се растопи. Притоа треба да добиеме хомогена смеса со златно-жолтеникава боја.

По желба може да додадете дополнителни зачини како на пример цимет. Ова ќе го збогати вкусот на смесата, и ќе придонесе за поароматичен микс на крајот.

Фантастична комбинација

Откако ќе се заврши со подготовка на претходните две смеси, време е да се спојат и хомогенизираат во една фантастична комбинација. Па… посипете ја течната смеса врз сувата смеса. Убаво измешајте и по желба дегустирајте. Земаме калап за куглов, го обложуваме со алуминиумска фолија која е намастена со масло ја јадење. Посипете ја смесата и израмнувате изедначено. Калапот го ставате во ладилник да отстои една вечер за да “легнат” состојките.

Декорација и дегустација

Откако ќе помине една вечер во ладилник, тортата е спремна за декорација. Превртете го калапот внимателно врз една поголема чинија. Малку потчукнете со рацете за да ја извадите сега-затегнатата торта во чинијата.

Целата торта се премачкува со бела хопла. Наросуваме со чоколадо и мелени ореви. Може да додадете и ситно сецкано суво грозје или пак некое друго суво овошје по ваша желба.

За крај

Се надевам оваа торта ќе го погоди вкусот на поголемиот дел од вас. Иако е едноставна и брза за подготовка, сепак има одличен и заразен вкус. Миксот од јаткасти плодови и препечен леб натопен во вкусна комбинација од млеко и маргарин е неодолив.

Па… ете, сега може да го искористите стариот леб во вашиот дом!

Добар апетит!


Состојки

  • Препечен леб 300 гр
  • Мелени ореви 300 гр
  • Суво грозје 200 гр
  • Млеко 1 л
  • Шеќер 7 лажици
  • Маргарин 130 гр
  • Жолчки 7 средни
  • Рендано Чоколадо 100 гр
Hrvatski HR English EN Македонски јазик MK