Фантази Торта
  • 2ч : 0мин
  • 6 порции
  • средно

Здраво!

Се надевам името на оваа торта Ве натера да дојдете токму на ова место. Фантази торта е прилично едноставна и интересна за подготовка. Името на тортата е добиено од изгледот кој претставува необична комбинација од карамелизирани украси.

Тортата се карактеризира со вкус на пржен бадем и кремаста текстура. Одлично оди со црно кафе, чаша млеко, или пак виски.

fantazi_1

Фил од крем

Започнуваме со 50 гр. шеќер во прав и маргарин кои ги матиме со миксер во подлабок сад. Откако убаво ќе ја изматиме смесата го додаваме кремот и продолжуваме со мешање се додека не добиеме хомогена смеса. Следно, додаваме дел од оревите кои претходно се добро исецкани, а оставаме дел за украсување на тортата.

Фил од хопла

Во друг сад со миксер ја матиме хоплата и ја делиме на два дела. Во едниот дел ставаме дробени бадеми кои предходно сме ги пропржиле со шеќер. Другиот дел го оставаме за да ја премачкаме тортата.

fantazi_2

Редење на кори

Започнуваме со редење на корите за торта. По свој избор може да земете округли и правоаголни кори за да добиете повпечатлив изглед. Првите три кори се редат една врз друга, притоа премачкуваме од филот со крем кој го приготвивме на почетокот. Следно, продолжуваме со редење на останатите 3 кори, но овојпат премачкуваме со филот од хопла и пржени бадеми.

Откако ќе ги наредиме сите кори треба да ја премачкаме целата торта со бела хопла. Наросуваме мелени ореви по целата површина. На крајот украсуваме со карамелизиран шеќерчиња.

fantazi_3

Карамелизирани шеќерчиња

Преостанатиот шеќер го ставаме во сад да се растопи се додека не започне да ја менува бојата во жолто-кафена. Потоа земаме масна хартија, дополнително ја премачкуваме со масло, и посипуваме од растопениот шеќер, притоа формирајќи слободни форми. Откако шеќерот ќе се олади со нож ги одлепуваме формите, притоа пазиме да не се скршат. Украсуваме на површината на тортата. Пред да се конзумира, оставете ја тортата во ладилник да се затегне.
fantazi_4

За крај…

Се надевам дека оваа торта ќе биде интересен прилог за вашите домашни и гости. Изработката беше релативно едноставна и интересна. Секако може дополнително да додадете и други јаткасти плодови за да добиете побогата комбинација. Уживајте во подготовката и дегустацијата.

Пријатен апетит!


Состојки

  • Хопла 500 мл
  • Крем 400 гр
  • Маргарин 250 гр
  • Шеќер во прав 200 гр
  • Шеќер 200 гр
  • Бадеми 250 гр
  • Кори за торта 6 средни
Hrvatski HR English EN Македонски јазик MK